ВО СОБРАНИЕТО ПРИФАТЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА – Започнува постапката за изменување на Кривичниот законик
Предложени измени во Кривичниот законик со нови кривични дела и заострени казни

Собранието на 80. седница усвои заклучок дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, е прифатлив и треба да продолжи во натамошна законска постапка. Првото читање беше поддржано од сите 69 присутни пратеници.
Со донесувањето на овие измени ќе се анулира Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од септември 2023 година, кој предизвика застарување на голем број предмети поврзани со корупција, злоупотреба на службена положба и други дела, како и други негативни последици во казнената политика.
Предлагачите нагласуваат дека новите измени на КЗ имаат за цел да се отстранат идни штетни последици од измените од 2023 година и да се усогласат со европските и меѓународните стандарди. Спорните измени од 2023 година негативно беа оценети и од Европската комисија, која посочи дека тие влијаеле на случаите на поранешното СЈО, предизвикувајќи застарување или запирање на предмети.
Исто така, Уставниот суд во февруари 2025 година му даде рок на Собранието од шест месеци за ново законско решение.
Предлагачите истакнуваат дека ваквата ситуација ја наметнува потребата за итни, приоритетни и реформски измени на Кривичниот законик, за да се врати државата на патот на европските политики во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Клучните измени се однесуваат на неколку нови кривични дела како што се:
-Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозаписи или списи со сексуално-експлицитна содржина.
-Телесна повреда“ се редефинира со отстранување на потребата за гонење по предлог кога делото е сторено при родово-базирано насилство, насилство врз жена, семејно насилство, или мотивирано од омраза/ранливост на жртвата (возраст, физички или ментални пречки, бременост) што претставува доускогласување со Истанбулската конвенција и овие дела ќе се гонат по службена должност, согласно Истанбулската конвенција.
Се предвидува и нови форми на кривично дело „Трговија со дете“ во смисла што се воведени два нови облика за надминување на проблемот со питачење на деца.
Понатаму, хармонизација на кривични дела против безбедност во сообраќајот и одземање предмети во рамки на проектот „Безбеден град“ (Safe City) како и технички и итни подобрувања за подобрување на одредби поврзани со куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор и проширена конфискација.
Пратеникот Оливер Спасовски (СДСМ) истакна дека СДСМ ќе поддржи носење на предложените измени и дека е потребно донесување целосно нов Кривичен законик.
Драгана Бојковска (ВМРО-ДПМНЕ) најави дека се подготвува нов системски Кривичен законик, а за предложените измени ќе бидат организирани јавни расправи, бидејќи тие предвидуваат заострени и повисоки казни.


