ВО ПРЕСРЕТ НА ПРАЗНИЦИТЕ – УЈП со засилени контроли на готовинскиот промет
Зголемен број контроли - 4.000 надзори и над 2.500 глоби. Секоја четврта контрола со неправилности во издавањето фискални сметки

Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека во пресрет на новогодишните празници ќе спроведува засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет. Контролите ќе ги опфатат сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други деловни субјекти кои работат со готовински плаќања.
Пред воведување подетални контроли и санкции, УЈП спроведе обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да го согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи. До 20 ноември се реализирани околу 3.500 советодавни посети, при кои обврзниците беа информирани за најчестите неправилности. Меѓу утврдените состојби се јавуваат: фискални апарати без налепници од овластен сервисер, оштетени пломби, несоодветност меѓу адресата на фискалниот уред и реалната локација, неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење книга на дневни финансиски извештаи. Овие активности продолжуваат и ќе ги опфатат сите субјекти што работат со готовина.
Паралелно со советодавните посети, УЈП изврши детални анализи базирани на податоци од ГПРС-системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажуваат на ризични состојби кај дел од обврзниците – континуирано низок или идентичен дневен промет, отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, како и несогласувања меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и оној во ДДВ-пријавите. Врз основа на ваквите индикатори, УЈП продолжува со плански контроли засновани на анализа на ризик. На терен ќе се врши проверка на точноста на применетите ДДВ стапки, локацијата на фискалните уреди и други релевантни податоци.
Контролите не се сведуваат само на проверка на готовината во благајната, туку инспекторите ќе ги испитуваат сите факти што се неопходни за да се утврди реалната состојба. До крајот на ноември УЈП има спроведено околу 4.000 контроли на готовинскиот промет – бројка што е 2,5 пати поголема од истиот период лани. Изречени се над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници е изречена мерка забрана за вршење дејност и запечатување на објект.
Податокот дека секоја четврта контрола утврдува неправилности поврзани со неиздавање фискални сметки укажува на широко присутна појава на неевидентиран промет. Тоа дополнително сигнализира можни плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати „во плик“ – практики спротивни на законот, кои создаваат нелојална конкуренција и загуби за буџетот.
Кон обврзниците кои биле казнети за неиздавање фискални сметки, УЈП испрати персонализирани известувања со повик да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. Доколку не постапат доброволно, ќе следат дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриен промет и неплатени даноци.
УЈП упатува апел дека почитувањето на законот не е избор и дека евидентирањето на прометот не претставува приватен договор меѓу продавач и купувач. Секое непочитување носи последици, особено за чесните компании кои работат според правилата. Граѓаните се повикуваат да бараат фискална сметка, бидејќи секоја неиздадена сметка значи пари кои наместо во буџетот завршуваат во приватни џебови на штета на здравството, образованието и јавните услуги.
Целта, како што наведува УЈП, е намалување на даночната евазија, воспоставување фер економија и еднакви правила за сите. Чесните обврзници ќе имаат поддршка, а оние што го избегнуваат системот ќе се соочат со последици. УЈП останува решителна, транспарентна и доследна во заштитата на јавниот интерес и државниот буџет.


