ВОЈНАТА СЕ ПОБЛИСКУ – Американски извиднички авион кај иранската граница
САД префрлаат поголема армада бродови кон Иран отколку што имале во близина на Венецуела

Извиднички авион „Боинг П-8А Посејдон“ на американската морнарица бил забележан над Персискиот и Оманскиот Залив, во близина на иранската граница, според податоците од Flightradar24. Авионот полетал од Бахреин.
Еден ден претходно, претседателот Доналд Трамп објави дека САД префрлаат посилна армада бродови кон Иран отколку што било во близина на Венецуела. Според него, властите на Иран сакаат да постигнат договор за нуклеарната програма, но точниот рок е непознат.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека Техеран е подготвен за дијалог со Вашингтон, кој мора да се базира на рамноправност и меѓусебно почитување.
Според „Њујорк тајмс“, САД бараат дополнителни отстапки од Иран, вклучувајќи прекин на збогатувањето на ураниум и ограничување на развојот на балистички ракети. Во случај на неуспех на преговорите, се разгледуваат можни напади врз нуклеарни и ракетни постројки, операции за ослабување на лидерството на земјата или упад на американски сили на територијата на Иран. Сепак, Трамп сè уште не одобрил ниту една од овие операции.

