ВОЈНАТА ДЕНЕС СЕ ВОДИ СО ЗБОР – Мицкоски бара заедничка акција против хибридните закани
Хибридните закани ја поткопуваат довербата и ја прават државата ранлива

Хибридните и информациските закани се меѓу најсериозните предизвици за државата и затоа мора да бидат клучен приоритет во претстојните реформи, порача премиерот Христијан Мицкоски на конференцијата организирана од Институтот за комуникациски студии. Тој истакна дека национален интерес е изградба на систем кој брзо и професионално препознава и реагира на ваквите ризици.
„Војната денес се води со збор, со манипулација и со монтирана вистина“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека дезинформациските кампањи веќе имаат и јасна безбедносна димензија.
Според него, иако државата направила одреден напредок, системот сè уште се соочува со недостиг од ресурси, недоволно обуки и слаба институционална меморија.
Премиерот подвлече дека мора да се гради одржлив систем наместо привремени решенија. Тој порача дека завршило времето кога со замена на еден директор исчезнувало целото знаење во институциите.
„Ќе воведеме задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди, за повеќе да нема празнини и зависност од поединци“, истакна тој.
Како дел од следните чекори, Мицкоски најави континуирани обуки во сите институции од МВР и Министерството за одбрана, до јавната администрација и локалната самоуправа како и специјализирани програми за дигитална безбедност и медиумска писменост. Посочи дека ниту една држава не може да се брани без обучени кадри.
„Хибридните закани не се победуваат со молк, туку со заедничка акција“, додаде премиерот, најавувајќи отворање платформа за редовна соработка со универзитетите, истражувачките центри, медиумските здруженија, граѓанските организации и приватниот сектор.
„Овој пат градиме држава која стои цврсто и гледа напред“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека целта е создавање општество што препознава манипулации и институции што реагираат навремено и професионално. Тој предупреди дека хибридните закани ја поткопуваат меѓусебната доверба и ја прават државата ранлива.
„Нашата задача е да ја вратиме довербата и да изградиме систем што нема да падне при првиот силен удар“, заклучи премиерот.
Британскиот амбасадор Метју Лосон исто така предупреди дека странското мешање и манипулацијата со информации претставуваат безбедносен ризик за сите земји-сојузнички во НАТО.
„Странското мешање не е дел од здравата демократија – тоа ја поткопува. Дезинформациите ги бомбардираат граѓаните и новинарите, кои тешко можат да разликуваат што е легитимна дебата, а што пропаганда. Затоа го склучуваме ова партнерство, како придонес во глобалната борба против дезинформациите“, истакна Лосон.
Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска, посочи дека новиот проект е логично продолжение на долгогодишната работа на Институтот во сферата на дезинформациите.
„Странското влијание и манипулацијата со информации е подмолна и сериозна закана што ја поткопува демократијата, ги продлабочува поделбите, го нарушува чувството на безбедност и ги таргетира најранливите категории граѓани. Одговорот на овие закани мора да биде интегриран систем што ги обединува академската заедница, граѓанскиот сектор и други клучни актери“, нагласи Трајкоска.

