ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА – Нов роман за деца од Киро Донев

Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература

ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА – Нов роман за деца од Киро Донев

„Македоника литера“ деновиве објави нова книга за деца на Киро Донев – еколошкиот роман „Приказни од Пизуловата воденица“.

Овој еколошки роман, пред сè, им е наменет на децата и младите, чијашто иднина зависи од нивниот однос кон Природата, кон нејзиниот севкупен животински и растителен свет, ама и кон нивната животна околина. Приказната во него е и порака и апел, децата никогаш да не потклекнат пред предизвиците на модерната наука и техника кога се во прашање природата и средината во којашто живеат. Но, и не само ним, туку книгава им е наменета и на сите оние коишто сакаат да придонесат и да помогнат да се промени начинот на размислување и однесување кон мајката Природа и планетата Земја, чијшто животински и растителен свет, сè повеќе неповратно исчезнува од пред нашите очи.

На страниците на оваа книга, Природата не е насликана со фотографска точност, туку живо е пренесена, пресоздадена со сите нејзини бои и мириси, со сите нејзини светлини и облаци, со сиот нејзин и голем и мал, невидлив свет, крај кого минуваме а не го забележуваме.

„Приказни од Пизуловата воденица“ е 16-та книга на Киро Донев во издание на „Македоника литера“ (14 авторски и две преведени и приредени).

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.

Киро Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии… Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици. Долг период (од 1970 г.) беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Живее во родното Моноспитово, Струмичко.

Киро Донев е ексклузивен автор на „Македоника литера“, која досега ги публикуваше следните негови книги, некои и во неколку изданија: „Дневникот од штрковото гнездо“ (роман), „Тајни незнајни“ (раскази и поезија), „Моите приказни“ (раскази, избор), „Дарко во зоо паркот“ (раскази, три изданија), „Збркана сказна“ (роман), „Училишен театар“ (пиески за деца, четири изданија), „Јамболија што лае“ (роман), „Приказни од куќичката на дрво“ (раскази), „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ (раскази), „Весел зоопарк“ (раскази, поезија, гатанки, три изданија), „Било и се скрило“ (поезија), „Јуначки приказни“ (раскази), „Приказни од Пизуловата воденица“ (еколошки роман), „Приказни од мојот крај“ (раскази), „Корејски народни приказни (избор, превод и адаптација), „Приказни за добра ноќ од цел свет“ : раскажани од Киро Донев (народни приказни и басни, избор и превод).

 

 

CATEGORIES
TAGS
Share This