ВНУКАТА НА НАЦИСТИЧКИ ОФИЦИР НА ЧЕЛО НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Бербок избрана за претседателка на Генералното собрание
И покрај контроверзиите, изборот на Бербок за претседател на Генералното собрание се гледа како значаен чекор во кариерата на оваа германска политичарка

На тајно гласање во Обединетите нации, германската политичарка Аналена Бербок беше избрана за нов претседател на Генералното собрание, добивајќи поддршка од 167 делегати. Против неа гласаа седум членки, додека 14 беа воздржани. Таа ќе ја преземе функцијата на 9 септември, со отворањето на есенската сесија.
Иако новата позиција е претежно церемонијална, таа вклучува претседавање со седници, поставување дневен ред и следење на процедурите. Со тоа, Бербок добива симболичка, но важна улога на глобалната сцена.
Аналена Бербок е родена на 15 декември 1980 година во Хановер. Студирала политички науки и јавно право на Универзитетот во Хамбург, а политичката кариера ја започна како пратеник на Партијата на зелените во Бундестагот во 2013 година.
Во 2021 година таа беше номинирана како кандидат за канцелар од својата партија, со што стана втората жена по Ангела Меркел која се борела за највисоката функција во Германија од редовите на водечките партии. Изборите ги загуби од Олаф Шолц.
Бербок се соочи со неколку контроверзии во текот на својата политичка кариера. Во 2021 година, против неа беа поднесени обвинувања за плагијат во нејзината автобиографија, каде што беа откриени делови идентични со други извори, вклучувајќи блогови и медиумски текстови. Иако не беше покрената формална постапка, јавноста остро реагираше.
Дополнително, беше критикувана за доцнење во пријавување дополнителни приходи во висина од 25.500 евра, заработени од лидерски активности во партијата во периодот 2018–2020 година.
Личниот живот на Бербок исто така привлече внимание, особено по откритието дека нејзиниот дедо Валдемар Бербок бил офицер во нацистичка Германија и добитник на одликување за воени заслуги од Третиот рајх. Овие информации излегоа во јавност непосредно пред нејзината посета на Израел во февруари 2024 година.
Бербок изјави дека не била запознаена со минатото на својот дедо, а германското Министерство за надворешни работи ја поддржа, истакнувајќи дека таа не располагала со информации за неговата историја.
И покрај контроверзиите, изборот на Бербок за претседател на Генералното собрание се гледа како значаен чекор во кариерата на оваа германска политичарка. Нејзиното претседавање ќе биде внимателно следено, особено во контекст на нејзината улога во германската надворешна политика и ставовите по клучни меѓународни прашања.


