ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Мицкоски со поддршка за учество на дијаспората во изборите

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува и можност за гласање надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, доколку тоа го дозволуваат законите на странските држави.

ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Мицкоски со поддршка за учество на дијаспората во изборите
Фото: Влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска изјави дека неговата партија нема никаков проблем да ја поддржи иницијативата за воведување една изборна единица, истакнувајќи дека тоа би придонело за поголема демократичност во изборниот процес, вклучително и за правото на глас на дијаспората.

„Нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес, било за парламентарни, било за претседателски избори“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за предлог-законските измени.

Мицкоски посочи дека воведувањето една изборна единица ќе го поедностави изборниот процес и ќе овозможи правична застапеност на сите гласови – и на жителите во земјата и на дијаспората. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува и можност за гласање надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, доколку тоа го дозволуваат законите на странските држави.

„Да немаме повеќе изборни единици, да немаме непотребни трошоци. Сите гласови да се влеваат во една изборна единица. Одиме и чекор понатаму – велиме дека ако државата во која живее дијаспората дозволува, може да се постават гласачки места и надвор од ДКП-та. Ние сме за“, изјави Мицкоски за време на денешната посета на Машинскиот факултет при УКИМ.

Предлогот за изменување на Изборниот законик има за цел воведување на една изборна единица со неколку основни цели: еднаква вредност на гласот без разлика на географската припадност, преференцијално гласање за поголемо влијание на избирачите врз кандидатите, поголема застапеност на помалите партии, како и зголемена транспарентност, отчетност и доверба во изборниот процес.

CATEGORIES
TAGS
Share This