ВМРО-ДПМНЕ ЈА ФОРМАЛИЗИРАШЕ КОАЛИЦИЈАТА – „Твоја Македонија“ составена од 25 партии
На крајот, тој соопшти дека коалицијата усвоила Декларација за Македонија на граѓаните - документ што ја нагласува решеноста за изградба на модерни, развојни и праведни општини.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја формализираше коалицијата „Твоја Македонија“, составена од 25 партии. На прес-конференција пред партиското седиште истакна дека претстојните локални избори се клучни за иднината на државата, бидејќи токму локалната власт е директно одговорна за решавањето на проблемите на граѓаните.
„Не е сеедно каков градоначалник ќе изберете. Тој мора да ги брани интересите на граѓаните и да ги решава нивните проблеми. Нашата цел е да понудиме луѓе кои ќе бидат глас на народот во општините и ќе работат за граѓаните,“ рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период покажала дека знае да управува со општините без скандали и со многу работа, додавајќи дека во наредните четири години сите општини ќе ја имаат поддршката на централната власт.
Во програмските приоритети Мицкоски ги издвои:
-
изградба и реконструкција на патишта, мостови, училишта, спортски сали и културни домови;
-
нови работни места и економска сигурност;
-
модернизација на здравствените установи;
-
поголемо внимание за руралните средини;
-
подобро образование, спорт и култура за младите;
-
зелени политики за почиста животна средина и обновливи извори на енергија.
„Ќе создадеме услови младите да останат во своите општини и да ја градат иднината овде, дома. Нашата мисија е идните генерации да ја наследат Македонија посилна, побогата и постабилна,“ изјави Мицкоски.
На крајот, тој соопшти дека коалицијата усвоила Декларација за Македонија на граѓаните – документ што ја нагласува решеноста за изградба на модерни, развојни и праведни општини.


