ВЛАЖНИ КОЛОВОЗИ И УМЕРЕН СООБРАЌАЈ Актуелна состојба на патиштата низ Македонија

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија утрово се одвива без поголеми пречки, но поради влажните коловози возачите се повикуваат на зголемено внимание. Според последните информации, интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Потсетување за сите учесници во сообраќајот дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на временските услови. Оваа мерка ќе важи до 15 март 2026 година, а непочитувањето може да резултира со санкции.
Од Автомото сојузот апелираат возачите да ја прилагодат брзината и строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, особено на патиштата што минуваат низ котлини, клисури и речни долини, каде постои зголемен ризик од појава на одрони. Како критични се издвојуваат делниците:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила. Забраната важи од 21 ноември 2025 година и ќе трае до 31 март 2026 година, поради сезонскиот зимски режим на сообраќај.
На повеќе патни правци низ државата во тек се градежни активности кои условуваат изменет режим на сообраќај:
- На делницата Прилеп – Битола, како дел од работите на Коридор 10, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101.
- На скопската обиколница (државен пат А2), во делот од клучка Волково до клучка Кондово, се врши рехабилитација на коловозот. Затворена е левата лента за претекнување, а возилата се движат по средната и десната лента.
- На експресниот пат Крива Паланка – Страцин, кај селото Петралица, сообраќајот се регулира по времен режим поради градежни работи. Во дневните часови се користи рачна регулација, а во останатиот дел од денот – семафорска сигнализација.
- На регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост се изведува санација на свлечиште, поради што е воведен времен изменет режим на сообраќај.
- На делницата Гостивар – Стража, кај мостот Здуње на реката Вардар, се спроведуваат работи со времен режим и наизменично пропуштање на возилата. Оваа фаза се очекува да трае неколку месеци.
- Во рамки на проектот Коридор 10Д, на потегот од клучка Лагово до Тополчани, движењето на возилата е пренасочено по регионалниот пат Прилеп – Битола.
Надлежните служби апелираат до сите возачи да возат внимателно, да ги следат информациите за состојбата на патиштата и да ги почитуваат привремените сообраќајни решенија, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.


