ВЛАЖНИ КОЛОВОЗИ И МОЖНИ ОДРОНИ – АМСМ со апел за внимателно возење

Надвор од градските средини интензитетот на сообраќај е умерен, без подолги задржувања на граничните премини

ВЛАЖНИ КОЛОВОЗИ И МОЖНИ ОДРОНИ – АМСМ со апел за внимателно возење

Денеска (04.02.) сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози – информираат од Автомото сојузот на Македонија.

Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сезонски режим на сообраќајот важи за патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.

CATEGORIES
Share This