ВЛАДИНИОТ АВИОН ТРГНУВА – Започнува евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток

Со владиниот авион денеска кон Скопје ќе полетаат сите македонски државјани кои побараа евакуација од Израел, со што се заокружува тој дел од процесот.

ВЛАДИНИОТ АВИОН ТРГНУВА – Започнува евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток
Фото: Национал

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека, заклучно со денешниот ден, во рамки на тековниот процес на евакуација, во Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби се регистрирани вкупно 505 македонски државјани. Од нив, 458 се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати, додека дополнителни 31 лице се пријавени од Кувајт, а 14 од Бахреин. Во Доха, пак, се евидентирани 141 македонски државјанин.

Од Министерството информираат дека лицата кои изразиле подготвеност за евакуација од Израел се очекува во попладневните часови со владиниот авион да отпатуваат кон Скопје, со што ќе биде целосно заокружен процесот на враќање на сите граѓани кои побарале извлекување од таа земја.

Во наредните денови се планира почеток на реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и од Катар, Бахреин и Кувајт. Предвидено е тие да бидат транспортирани со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија.

Процесот на евакуација се спроведува согласно однапред утврден план, во согласност со безбедносните услови на терен и во координација со сите надлежни институции.

Од Министерството уште еднаш апелираат до сите македонски државјани кои сè уште не оствариле контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од помош, тоа да го сторат во најкус можен рок и преку дежурните телефонски броеви или преку СОС-бројот на МНРиНТ.

„Министерството останува во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните, со приоритетна цел нивно безбедно и навремено враќање“, се наведува во соопштението.

CATEGORIES
TAGS
Share This