ВЛАДАТА НЕ ГО ПОДРЖУВА ПРОТЕСТОТ ЗА ОВК – Но, ќе обезбеди мирно одржување

Формиран Кризен штаб за следење на настанот 24 часа пред и по маршот

ВЛАДАТА НЕ ГО ПОДРЖУВА ПРОТЕСТОТ ЗА ОВК – Но, ќе обезбеди мирно одржување
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека Владата не го поддржува најавениот марш на ветераните и поддржувачите на ОВК, закажан за сабота во 13 часот од плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Тој истакна дека е формиран Кризен штаб кој 24 часа пред и по одржувањето на настанот ќе ги следи сите активности поврзани со маршот.

Мицкоски нагласи дека државата и институциите ќе ги преземат сите неопходни мерки за да спречат какви било провокации или негативни реакции кои би можеле да предизвикаат последици за граѓаните и регионот.

„Владата не го поддржува маршот, но ќе се погрижиме сè да помине мирно, без инциденти и без настани кои граѓаните не сакаат да ги видат“, рече премиерот при увид во градежните активности на мултифункционалниот центар во Општина Аеродром.

Во однос на поддршката што за протестот ја даде градоначалникот на Чаир и член на коалицискиот партнер ВЛЕН, Изет Меџити, Мицкоски оцени дека таа одлука најверојатно е донесена под притисок од организаторите и дека е политички погрешна.

„Претпоставувам дека Меџити е под притисок и дека стравува од губење политички поени ако не го поддржи протестот“, изјави премиерот.

Тој категорично негираше постоење политички договор со Косово во врска со поранешни припадници на ОВК кои се бараат од Србија и оцени дека најавениот марш претставува обид за политичка мобилизација.

„Очигледно е дека некој се обидува да се мобилизира на овој начин. Првенствено мислам на ДУИ. Сметаат дека преку вакви активности ќе ја зацврстат својата поддршка кај гласачите“, додаде Мицкоски.

Премиерот истакна дека се преземени сите неопходни безбедносни мерки и дека стратешките партнери на државата се целосно информирани за планираните активности.

Организатор на протестот е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој најавува поддршка за поранешните команданти на ОВК на кои им се суди во Хаг. Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, во изјава за косовскиот медиум „Вокс Косова“ повтори дека во принцип го поддржува протестот, нагласувајќи дека станува збор за демократско право и дека Ослободителната војска на Косово претставува национална гордост.

CATEGORIES
TAGS
Share This