Владата ќе ангажира 400 невработени лица за помош при справување со пожари – секој ангажиран ќе добива месечен надомест од 24.000 денари.
Програмата, која се спроведува за првпат, има за цел заштита на природата и јакнење на капацитетите за превенција од пожари, со акцент на создавање на противпожарни појаси и други заштитни активности.
„Сите што ќе покажат посветеност, ќе имаат можност за трајно вработување во институциите надлежни за заштита и спасување“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Пријавувањето ќе се врши преку јавни повици објавени од општините, а ќе се утврдува и начинот на проверка на физичката подготвеност на кандидатите.
Мерката ги опфаќа 14 општини со постојни територијални противпожарни единици, додека Струмица и Кочани не доставиле апликации.
Во Скопје, од 80 до 100 лица што ќе се пријават во Општина Кисела Вода ќе бидат вклучени во тимовите за брз одговор, по што ќе следува кратка обука. Најдобрите ќе добијат шанса да се приклучат на новата специјална единица за заштита и спасување која е во формирање.
Сите кандидати ќе поминат здравствени и психофизички проверки пред ангажманот.