ВИЗЕР ВРАЌА ЛИНИИ СО СУБВЕНЦИИ Од Скопје повторно ќе се лета до Стокхолм, Келн и уште три европски дестинации

Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ ќе воведе пет нови авиолинии од скопскиот аеродром, откако доби поддршка од Владата преку субвенции за развој на нови дестинации. Од ноември, патниците ќе можат да летаат до Мадрид и Стокхолм, а од декември се додаваат летови кон Прага, Бари и Келн.
Интересно е враќањето на рутите до Келн и Стокхолм, кои беа укинати минатата година. Линијата до Келн беше прекината откако „Визер“ се повлече од тој германски аеродром поради високите аеродромски такси. Што се однесува до Стокхолм, претходно се леташе до аеродромот Скавста, оддалечен околу 100 километри од шведската престолнина, но сега летовите ќе се пренасочат на централниот аеродром Арланда, што претставува значително олеснување за патниците.
Според Министерството за транспорт, „Визер“ ќе добива девет евра субвенција по патник кој ќе слета на скопскиот аеродром. Со оваа мерка се очекува зголемување на воздушниот сообраќај и подобрување на поврзаноста на Македонија со клучни европски метрополи.


