ВИЗЕР ВОВЕДЕ НОВ ДИРЕКТЕН ЛЕТ Од денеска активна линијата Скопје – Прага

Од денеска Скопје е директно поврзано со уште една европска метропола – Прага, со стартот на новата редовна авионска линија на нискобуџетската авиокомпанија „Визер“. Со ова проширување, скопскиот аеродром ја збогатува својата мрежа на дестинации, а Македонија добива нов канал за туристички и деловни патувања.
Летот до чешката престолнина е дел од поширокиот пакет нови авио-релации што беа најавени од Владата во текот на летото, како резултат на договорот склучен со авиопревозникот во јули годинава. Со договорот се предвидени вкупно пет нови редовни линии од Скопје кон европски градови.
Тогашниот договор го потпиша вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека новите авио-конекции ќе придонесат за зголемен туристички интерес, поголема економска размена и подобра поврзаност на граѓаните со Европа. Во рамки на најавата беше посочено дека од ноември започнуваат линиите кон Стокхолм и Мадрид, додека од декември следат летовите кон Бари, Келн и Прага.
Со денешното воведување на линијата Скопје–Прага, практично започнува реализацијата на договореното проширување, со што македонската престолнина добива нови воздушни врски со значајни европски центри.


