ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО КРИЗА Македонија надвор од топ 2.000 универзитети
Недостатокот на македонски универзитети на листата повторно ги отвора прашањата за квалитетот на високото образование во земјата и потребата од системски реформи за унапредување на академските и истражувачките капацитети.

Ниту еден универзитет од Македонија не се најде на најновото рангирање на најдобрите 2.000 универзитети во светот, објавено од Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) за 2025 година.
И покрај тоа што CWUR годинава евалуираше над 21.000 високообразовни институции ширум светот, ниту една македонска установа не успеа да влезе на престижната листа.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој минатата година беше рангиран на 1.990-тото место, оваа година испадна од топ 2.000.
Рангирањето на CWUR се заснова на четири клучни критериуми: квалитет на образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Се смета за едно од најобјективните во светот, бидејќи не користи анкети и не бара апликации од универзитетите.
Во споредба со регионот, неколку држави повторно имаат свои претставници. Србија, како и лани, има четири државни универзитети на листата, предводени од Универзитетот во Белград кој е рангиран на 354-тото место. На листата се најдоа и универзитетите во Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Бугарија, пак, се претставува со Софискиот универзитет на 1.051-то место и Медицинскиот универзитет во Софија на 1.478-то место.
Недостатокот на македонски универзитети на листата повторно ги отвора прашањата за квалитетот на високото образование во земјата и потребата од системски реформи за унапредување на академските и истражувачките капацитети.


