VISA И MASTERCARD ПОД ПРИТИСОК Плаќаат 167,5 милиони долари за решавање на спорот

Компаниите Visa и Mastercard се согласиле да платат вкупно 167,5 милиони долари за да ги решат правните проблеми со групна тужба, во која се обвинети за заговор со цел да ги одржат високите такси за користење независни банкомати. Оваа нагодба сега треба да добие одобрение од судија во Вашингтон, известува The Guardian.
Според постигнатиот договор, средствата ќе бидат распределени на милиони корисници на картици кои платиле такси за подигање готовина од независни банкомати, кои не се во сопственост на банки. Visa ќе уплати околу 88,8 милиони долари во фондот за нагодба, додека Mastercard ќе вложи приближно 78,7 милиони долари. Овие средства ќе бидат поделени со оние кои извршиле трансакции од октомври 2007 година, пренесува Danas.
Адвокатите на тужителите ја опишаа нагодбата како „одличен резултат, со оглед на ризиците од продолжување на правните постапки“. Тие планираат да побараат до 30% од фондот, што е повеќе од 50 милиони долари, за покривање на судските трошоци. Тужбата беше поднесена во 2011 година, кога потрошувачите оспорија правилата на Visa и Mastercard, кои им забрануваа на независните оператори на банкомати да нудат пониски цени за своите услуги.
Иако двете компании негираат какви било неправилности, оваа ситуација е само еден од три поврзани случаи во федералниот суд во Вашингтон. Минатата година, Visa и Mastercard се согласија да платат 197,5 милиони долари за решавање на слични тужби од друга група корисници, кои тврдеа дека им биле наплатени прекумерни такси на банкоматите управувани од банки. Во 2021 година, неколку банки се согласија да платат 66 милиони долари во рамките на нагодби поврзани со истата постапка.
Третата тужба, која ја поднесоа независни оператори и сопственици на банкомати, сè уште чека решение во истиот суд. Во меѓувреме, Visa се соочува и со други антимонополски тужби, вклучувајќи и онаа од Министерството за правда, кое ја обвинува компанијата за нелегално монополизирање на американскиот пазар на дебитни картички.


