ВИНИСИУС СЕ ПОДАЛЕКУ ОД ДОГОВОР СО РЕАЛ МАДРИД Канизарес остро: „Не ја заслужува таа плата“

Сѐ поизвесно е дека Винисиус Жуниор и Реал Мадрид не се блиску до договор за продолжување на соработката, а разликите меѓу двете страни засега изгледаат тешко премостливи. Преговорите околу новиот договор тапкаат во место, а сценариото според кое бразилската ѕвезда би можела да го напушти „Сантијаго Бернабеу“ станува сѐ пореално.
Главната пречка во разговорите е финансискиот дел. Винисиус бара годишна плата од околу 30 милиони евра, додека Реал Мадрид нуди сума од приближно 20 милиони евра – износ сличен на оној што фудбалерот го заработува и во моментов. Засега нема индикации дека некоја од страните е подготвена да направи отстапка.
Во јавната дебата околу иднината на Винисиус се вклучи и поранешниот голман на Реал Мадрид, Сантијаго Канизарес, кој изнесе остри критики на сметка на платите во клубот. Тој смета дека не само Винисиус, туку и други играчи на „Кралевите“ не ги оправдуваат финансиските услови што ги добиваат.
„Платата, врз основа на она што го покажува Винисиус на теренот, не одговара на бројките што се дискутираат или што се ставаат на маса“, изјави Канизарес. Тој додаде дека и други фудбалери на Реал не го оправдуваат примањето што им го исплаќа клубот со своите настапи.
Дополнителен сигнал за падот на угледот на Винисиус кај навивачите е и реакцијата на публиката на „Бернабеу“. На натпреварот против Севиља, бразилскиот фудбалер беше исвиркан при излегувањето од игра, што јасно укажува дека дел од навивачите повеќе не го гледаат како симбол и вистински претставник на клубот.
Како што стојат работите во моментов, иднината на Винисиус Жуниор во Реал Мадрид е под голем знак прашалник, а следните месеци би можеле да бидат клучни за расплетот на оваа ситуација.


