ВИКИПЕДИА СЛАВИ 25 ГОДИНИ – Македонската верзија достигна 157.956 статии

Основачите Џими Велс и Лери Сангер ја создадоа првата верзија во 2001 година

ВИКИПЕДИА СЛАВИ 25 ГОДИНИ – Македонската верзија достигна 157.956 статии
Фото: Принтскрин

Најголемата светска енциклопедија, Википедија, одбележува 25 години од своето основање. Сајтот е достапен на 342 активни јазични верзии, вклучувајќи ја и македонската верзија, која е основана во 2003 година.

„Јавна соба“ во Скопје, македонската заедница и здружението Викимедија МКД, кое го развива и одржува македонското издание на енциклопедијата, го одбележаа јубилејот. На настанот говореа Кирил Симеоноски, Тони Ристовски, Николче Стојаноски, Ана Вишинова, Ирена Стерјовска, Валентина Трајковска и Филип Белчев.

„Македонската верзија на Википедија е основана во септември 2003 година од млади волонтери кои имале желба бесплатното знаење да го приближат до македонската читателска публика. Од првичните стотина статии, денес македонската Википедија има 157.956 статии и заедница од 340 активни корисници, што ја прави една од најдобро етаблираните верзии на овие простори“, истакнува Бојан Велковски, менаџер за комуникации на Викимедија МКД.

Википедија е основана на 15 јануари 2001 година во САД од Џими Велс и Лери Сангер. Првата верзија била само на англиски јазик, но нејзината популарност довела до создавање на голем број јазични изданија. Википедија е бесплатна енциклопедија, достапна за сите, а нејзината мисија е да создаде свет каде секој има слободен пристап до севкупното човечко знаење.

Енциклопедијата ја раководи Фондацијата Викимедија, со седиште во Сан Франциско. Името е кованица од хавајскиот збор „вики“ (wiki), што значи „брзо“, и зборот „енциклопедија“.

CATEGORIES
TAGS
Share This