(ВИДЕО) ЕЛИТНИ КОМАНДОСИ ВО СМРТНА ОПАСНОСТ – Како успеаја да го спасат пилотот- полковник

Трамп го прогласи спасувањето на американскиот пилот за една од најсмелите операции и повторно се закани на Иран.

(ВИДЕО) ЕЛИТНИ КОМАНДОСИ ВО СМРТНА ОПАСНОСТ – Како успеаја да го спасат пилотот- полковник
Фото: Принтскрин

Спасувањето на американски пилот во Иран минало речиси совршено сè додека технички дефект не ја запрел операцијата, објави Ројтерс.

Под закрилата на ноќта, елитни американски специјалци навлегле длабоко во иранска територија, се искачиле на планински гребен висок над 2.100 метри и спасиле офицер за оружје, преместувајќи го на тајно место пред зори во неделата.

Два авиона MC-130, кои превезувале околу 100 припадници на специјалните сили, претрпеле технички дефект и не можеле да полетаат, изјавил американски функционер за Ројтерс. Во тој момент, командосите биле загрозени длабоко зад непријателските линии.

Командантите направиле ризична одлука и испратиле дополнителни авиони за повлекување во неколку бранови, принудувајќи ги силите да чекаат неколку напнати часови.

„Ако некогаш постоел момент ‘уф, ова е навистина лошо’, тоа беше овој“, рекол функционерот.

На крајот, силите биле повлечени успешно, а неисправните авиони MC-130 и четири хеликоптери биле уништени на иранска територија за да не паднат во непријателски раце.

Спасениот офицер бил вториот член на екипажот на соборениот F-15E Strike Eagle над провинцијата Исфахан. Пилотот бил полковник, го повредил глуждот и се криел во пукнатина на ридот. Контактот со американската војска бил клучен за избегнување на заседа.

ЦИА спровела операција на измама, внесувајќи информации дека пилотот веќе е пронајден. Во исто време, американската војска блокирала патишта и прекинала комуникации за да спречи приближување на иранските сили. На крајот, спасувањето било извршено со помали турбопропелерски авиони способни да слетуваат на кратки импровизирани писти.

Во првичната фаза, два хеликоптери „Блек Хок“ биле погодени, но успеале да го напуштат иранскиот воздушен простор.

Конфликтот трае веќе пет недели, со 13 загинати и над 300 ранети американски војници.

Иако Трамп тврди дека иранската војска е сериозно ослабена, аналитичарите предупредуваат дека Иран сè уште може да соборува американски авиони и располага со значителни ракетни и беспилотни капацитети.

По успешната операција, Трамп повторно се закани на Иран со остри мерки ако не го отвори Ормутскиот теснец, кој е клучен за глобалното снабдување со нафта.

CATEGORIES
TAGS
Share This