(ВИДЕО) 40-ТИ МАРШ НА АНГЕЛИТЕ – Родителите повторно на улица бараат одговори што ги нема една година
Закана за протест пред Институтот за судска медицина во Скопје.

Денеска (4 април 2026) во 16:05 часот, во Паркот на Револуцијата во Кочани, во организација на здружението „16 март“, формирано од дел од родителите на загинатите, се одржа 40-тиот „Марш на ангелите“.
По четириесетти пат, родителите порачаа дека ќе чекорат „со болка, со љубов и со непоколеблива решеност нашите ангели никогаш да не бидат заборавени“. Од здружението истакнаа дека ќе продолжат со маршевите сè додека не се добие правдата што, како што велат, ја заслужуваат нивните деца.
Тие упатија и јасно предупредување: доколку во рок од три дена не добијат одговор од надлежните институции, ќе се соберат пред Институтот за судска медицина во Скопје и нема да се повлечат сè додека не добијат конкретни информации.
Една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, семејствата на жртвите сè уште немаат одговори за причините за смртта на нивните најблиски. Ова го нагласи Александар Наунов, родител кој ја загубил својата ќерка, обраќајќи се во име на Здружението „16-ти Март 2025“ – Кочани.
Тој посочи дека на 14 јануари годинава било поднесено официјално барање до Институтот за судска медицина при УКИМ, со цел да се добијат информации дали биле извршени токсиколошки анализи, вклучително и испитување на присуство на цијаниди. И покрај тоа што поминале повеќе од два месеци, одговор сè уште нема.
Наунов додаде дека семејствата претходно побарале и средба со претставници на судска медицина, но наместо конкретни одговори добиле ветување за дополнителни појаснувања – кое, според него, не било исполнето.
Дополнително, од Природно-математичкиот факултет било потврдено дека по наредба на Обвинителството во Кочани е изготвен вешт наод, но без клучни информации за тоа дали биле анализирани токсични супстанции и какви се резултатите. Според Наунов, институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата остануваат без одговори.
Тој потсети и на тешкиот процес на обдукција, кога телата на жртвите биле пренесени во Скопје со уверување дека ќе се утврди точната причина за смртта. Наместо тоа, семејствата чекале со денови без можност достоинствено да се простат со своите најблиски, а и денес, како што нагласи, немаат целосни информации за спроведените анализи и нивните резултати.
