ВЕТУВАЊЕ ОД ВЛАДАТА – Повредените од „Пулс“ да не плаќаат за здравствени услуги

Работна група разгледува начин за ослободување од партиципација

ВЕТУВАЊЕ ОД ВЛАДАТА – Повредените од „Пулс“ да не плаќаат за здравствени услуги
Фото: Национал

Само неколку дена пред одбележувањето на една година од трагичниот пожар во кочанскиот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, министерот за здравство Азир Алиу најави дека се работи на начин повредените да бидат ослободени од обврската за партиципација при здравствените услуги. Тој истакна дека ова е негово лично ветување, кое веќе е во фаза на реализација.

„Работиме на креирање на програма, бидејќи партиципацијата е законска обврска која обезбедува плаќање за секој пациент во институциите. Со работната група разгледуваме како тоа да се вклучи во некоја од постојните програми. Ова е мое лично ветување, но и ветување на Владата, за да се реши овој проблем. Дури и најмалата партиципација треба да се отстрани, за семејствата и граѓаните кои имаат потреба од третман да не бидат дополнително оптоварени“, рече министерот Алиу при денешната посета на болницата во Кочани, каде почнаа активности за уредување на дворот.

Во рамки на болницата, се расчистуваат делови каде со години се собирало ѓубре и вегетација. Директорката на болницата, Катерина Паниќ – Мирчовска, и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, најавија повеќе паркинг места и полесен пристап за возилата на Итна медицинска помош, пациентите и вработените.

Градоначалникот Грозданов додаде дека е предвидено и демонтирање на модуларната болница, со цел ослободување дополнителен простор за паркирање.

CATEGORIES
Share This