ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВИ ДОАЃА НА МАСА – во Дубаи се отвора футуристички ресторан со AI шеф

Во септември, во срцето на Дубаи, само неколку чекори од Бурџ Калифа, ќе се отвори „WOOHOO“ – ресторан што се претставува како „ресторанот на иднината“, каде што кулинарската креативност добива нов облик благодарение на вештачката интелигенција.
Иако храната ќе ја подготвуваат вистински готвачи, сè останато – од менито до амбиентот – ќе биде дизајнирано од AI готвач по име Ајман. Името доаѓа од комбинацијата на „AI“ (вештачка интелигенција) и „man“ (човек), а според основачите, Ајман е обучен врз основа на децении нутриционистички истражувања, молекуларна гастрономија и над илјада рецепти од светски кујни.
„Ајман не може да проба или помириса храна, но ги анализира јадењата според текстура, киселост, структура и креира уникатни комбинации“, вели Ахмет Ојтун Чакир, коосновач на WOOHOO и извршен директор на гастрономската компанија „Gastronaut“.
Крајниот вкус и прецизност ги потврдуваат човечки готвачи, предводени од славниот дубајски шеф Рафе Отман, кој ја усовршува финалната верзија на јадењата. „Не сакаме да го замениме човечкиот фактор во кујната, туку да го унапредиме,“ објаснува Чакир.
Особено внимание се посветува на одржливоста – Ајман креира рецепти кои користат остатоци и нуспроизводи кои обично се фрлаат во рестораните, како маснотии или парчиња месо.
Основачите веруваат дека ова е само почеток. Планот е Ајман да се лиценцира за употреба и во други ресторани ширум светот, со цел да се намали кујнскиот отпад и да се поддржат одржливите гастрономски практики.


