ВЕЛИГДЕНСКА ПОРАКА ДО ВЕРНИЦИТЕ – Еве што порача поглаварот на МПЦ
Порака полна со вера, надеж и силен повик до сите верници.

Поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод, упатија пасхално послание по повод Велигден.
Возљубени верници,
И оваа година, по Божја милост, го дочекавме најголемиот христијански празник – Велигден. Исполнети со радост, го повторуваме победоносниот поздрав: „Христос воскресе!“, со кој ја изразуваме суштината на нашата вера. Зашто, како што сведочи апостолот, без Христовото воскресение нашата вера би била празна.
По страдањата на Голгота, доаѓа светлината на воскресението дар што носи надеж, љубов и вистинска радост. Победата на животот над смртта не е дар само за верните, туку за целото човештво. Затоа ние, како христијани, имаме должност да ја споделуваме оваа радосна вест со сите.
Возљубени во Христа,
Со поздравот „Христос воскресна – Навистина воскресна“ го славиме животот што ни е подарен. Христос со својата жртва и љубов ни покажа пат на смирение, прошка и пожртвуваност. Со тоа ни откри дека смртта не е крај, туку премин кон вечниот живот.
Возљубени браќа и сестри,
Велигденската радост е жива и присутна во молитвата, во светите тајни и во заедништвото. Живеејќи според Христовите заповеди, сведочиме дека Тој е жив и дека и ние живееме во Него.
Нашиот народ отсекогаш живеел со верата во воскресението. И во најтешките времиња, надежта во Велигден била утеха и сила. Преку верата, нашите предци ни оставиле пример како се чува и брани вистината.
Возљубени чеда на Македонската црква,
Оваа година нè потсетува и на значајни јубилеи од нашата историја на светите Климент и Наум, на Разловечкото востание и на темелите на современата македонска државност. Овие спомени нека ни бидат поттик да го чуваме наследството и да продолжиме да градиме иднина со вера и достоинство.
Нека светлината на воскреснатиот Христос нè просветли, за со љубов и добри дела да ја шириме велигденската радост насекаде.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ заедно со членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
† ПЕТАР, митрополит преспанско-пелагониски
† НАУМ, митрополит струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, митрополит крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, митрополит американско-канадски
† ПИМЕН, митрополит европски
† ИЛАРИОН, митрополит брегалнички
† ЈОСИФ, митрополит тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, митрополит кумановско-осоговски
† ГЕОРГИЈ, митрополит дебарско-кичевски
† НИКОЛА, митрополит австралиско-новозеландски
† ЈОАКИМ, епископ дељадровско-илинденски
† МАРКО, епископ делчевско-каменички
