ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО: Францускиот квартет „Модиљани“ со концерт во црквата „Света Софија“
„Модиљани“ го сочинуваат виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио, виолончелистот Франсоа Кифер и Лоран Марфан на виола. Овој квартет, основан пред повеќе од дваесет години, важи за еден од најреномираните камерни состави на светската сцена.

Вечерва, во рамките на традиционалната Вечер на Европска Унија на фестивалот „Охридско лето“, љубителите на камерната музика ќе имаат можност да го проследат настапот на славниот француски гудачки квартет „Модиљани“. Концертот ќе се одржи во историската црква „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
„Модиљани“ го сочинуваат виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио, виолончелистот Франсоа Кифер и Лоран Марфан на виола. Овој квартет, основан пред повеќе од дваесет години, важи за еден од најреномираните камерни состави на светската сцена.
Во 2023 година, „Модиљани“ ја одбележаа својата 20-годишнина и имаат богата концертна и снимателска кариера со 13 издадени албуми. Истакнатиот квартет редовно настапува на престижни фестивали и музички сали, а во 2017 година бил првиот квартет што свирел во големата сала на новата Елбфилхармонија во Хамбург.
Настапот вечерва во Охрид претставува продолжување на традицијата на фестивалот „Охридско лето“ да ги донесе најдобрите европски уметници и камерни ансамбли пред македонската публика, овозможувајќи им незаборавно музичко искуство во едно од најатрактивните историски места во градот.


