ВАРШАВА ДО ПУТИН Помине ли твојот авион преку Полска – те апсиме
Меѓународниот кривичен суд, со седиште во Хаг, издаде налог за апсење на Путин во 2023 година, обвинувајќи го за воени злосторства, вклучително нелегално депортирање на стотици украински деца.

Полска ја предупреди Русија дека нема да дозволи рускиот претседател Владимир Путин да го премине нејзиниот воздушен простор поради средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта.
Официјална Варшава соопшти дека би можела да биде принудена да изврши меѓународна потерница за Путин доколку тој влезе на полска територија. Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, изјави дека не може да гарантира дека независен полски суд нема да ѝ нареди на владата да го придружува авионот со Путин и да го предаде на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Наредбата на МКС ги обврзува земјите-членки да го уапсат Путин доколку стапне на нивна територија. Мислам дека руската страна е свесна за ова,“ рече Сикорски, додавајќи дека авионот со Путин ќе мора да користи алтернативна рута.
Од друга страна, Унгарија соопшти дека ќе обезбеди Путин да може да влезе во земјата за средбата со Трамп и да се врати во Русија.
Сите земји-членки на ЕУ се потписнички на МКС, додека Унгарија е во процес на повлекување од судот.
Трамп минатата недела најави дека планира да се сретне со Путин во Будимпешта како дел од посредувачки напори за завршување на војната во Украина.
Меѓународниот кривичен суд, со седиште во Хаг, издаде налог за апсење на Путин во 2023 година, обвинувајќи го за воени злосторства, вклучително нелегално депортирање на стотици украински деца. Русија не ја признава надлежноста на МКС и ги негира обвинувањата.


