ВАЈЦ ПРИЗНАВА РАЗЛИЧНИ ТОЛКУВАЊА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Ковачев бара Македонија да слави заедничка историја само со Бугарија

Амандманите бараат санкции за навреди, мониторинг на медиумите и враќање на правилата за регистрација на бугарските клубови.

ВАЈЦ ПРИЗНАВА РАЗЛИЧНИ ТОЛКУВАЊА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Ковачев бара Македонија да слави заедничка историја само со Бугарија
Фото: Принтскрин

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, се соочува со скоро 100 амандмани поднесени од бугарските европарламентарци на неговиот извештај за напредокот на Македонија. Ова значи дека околу една третина од сите амандмани за извештајот до Европскиот парламент доаѓаат од Софија, што покажува дека главниот интерес на бугарските пратеници се поврзува со евроинтеграцијата на нашата земја.

Анализата на амандманите покажува дека нивниот главен фокус е на уставните измени во Македонија. Меѓу редови, сепак, се забележува и обид за оспорување на заклучоците на Советот од 2022 година, според кои, ако се спроведат уставните измени, преговорите со Македонија треба автоматски да продолжат. Бугарските европарламентарци го користат моменталното внатрешно управување со Македонија за да го условуваат дополнително процесот, повикувајќи се на слабости во борбата против корупцијата, владеењето на правото и други теми, со што отвораат простор да се постават дополнителни барања поврзани со историјата, јазикот, образованието и статусот на малцинствата.

Иако мај број други пратеници ги поддржуваат овие амандмани, Томас Вајц предложи свој амандман за разјаснување на правниот статус на вториот билатерален Протокол кон Договорот за добрососедство со Бугарија. Вајц бара Европскиот совет да даде јасна интерпретација на заклучоците од 2022 година и да ги разјасни „двосмисленостите“ околу Протоколот, за да се избегне спор за неговата обврзност.

Во својот амандман, Вајц го отвора и прашањето за македонскиот јазик и идентитет, признавајќи „различни толкувања“ за потеклото на јазикот и идентитетот, но истовремено нагласува дека тие немаат влијание врз оценката на Европскиот парламент за напредокот на Македонија во процесот на ЕУ, кој останува заснован на Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи.

Вајц дополнително предлага Европскиот совет и Европската комисија да се вклучат поактивно за деблокирање на преговорите со Македонија, и отворањето и затворањето на преговарачките поглавја да се одлучува со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.

Бугарските европарламентарци настапуваат синхронизирано, користејќи го извештајот за да потенцираат дека Македонија лани постигнала помал напредок, проблематизирајќи го автоматското продолжување на преговорите дури и по уставните измени. Амандманите на Ивајло Валчев од ИТН се фокусираат на тоа дека Македонија не ги исполнува преземените меѓународни обврски, користејќи го како аргумент и Преспанскиот договор.

Долгорочно, бугарските европарламентарци инсистираат на заштита на јазичните права и малцинствата во Македонија, барајќи враќање на механизам за правична застапеност и ревидирање на Законот за употреба на јазиците, особено во делот што го заштитува албанскиот јазик.

Преку низа амандмани, Андреј Ковачев од ГЕРБ предлага Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на Македонија да посвети посебни делови на спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, вклучително и работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, третманот на Бугарите во Македонија и акциски план со јасни обврски, рокови и оценки за имплементацијата.

Амандманите на Ковачев, Валчев и Стојанов исто така исклучуваат други форми на членство или фазно пристапување кон ЕУ, инсистирајќи на стриктно исполнување на условите. Сепак, дел од амандманите на други европарламентарци предлагаат бришење на можноста за фазно пристапување и се поставуваат прашања за гаранции за продолжување на преговорите, што праќа непријатни сигнали за перспективата на Македонија во ЕУ.

Дополнително, бугарските амандмани се фокусираат на говорот на омраза против Бугарите во Македонија, барајќи санкции и контрола над медиумите и повторно воведување на правила за регистрација на бугарските клубови. Ковачев исто така бара Македонија да слави заедничка историја и личности само со ЕУ-соседите, практично исклучувајќи ја Србија. Акцискиот план за малцинствата, според амандманите, не обезбедува ефективна заштита од говор на омраза и насилство, и се препорачува понатамошна работа на ова поле, иако тој е подготвен според стандардите на Советот на Европа.

CATEGORIES
TAGS
Share This