ЈУТУБ СО НОВИ МЕРКИ – Тестира мерки против блокатори на реклами
Коментарите и описите на видеата исчезнуваат кај корисници со вклучени блокатори на реклами.

„Јутјуб“ повторно тестира нови мерки против блокаторите на реклами, а корисници пријавуваат исчезнување на коментарите и описите на видеата во веб-верзијата.
Во последните години, платформата континуирано ја заострува борбата против блокаторите на реклами, но судирот со корисниците кои ги користат сè уште нема јасен крај. По секоја нова мерка, дел од корисниците брзо наоѓаат начин да ја заобиколат.
Минатата недела на „Редит“ се појавија пријави од корисници кои забележале дека при гледање видеа исчезнуваат описот и секцијата со коментари. Иако точната причина не е потврдена, речиси сите случаи имаат заедничка карактеристика и користење блокатори на реклами.
Проблемот најчесто се јавува во веб-верзијата на „Јутјуб“, и тоа во прелистувачи како „Брејв“, „Мајкрософт Еџ“ и „Гугл Хром“. Засега, мобилната апликација не е засегната. Интересно е што грешката не се појавува кај сите корисници со блокатори.
Некои корисници велат дека коментарите се враќаат по освежување на страницата, но тоа бара рачна интервенција, што создава конфузија дали авторот ги исклучил коментарите или станува збор за техничка грешка.
Сè уште нема потврда дали станува збор за намерна мерка на „Јутјуб“ за ограничување на функциите при детектирање блокатор, или пак за грешка по ажурирање на екстензиите. Компанијата засега нема официјална изјава.
„Јутјуб“ веќе долго време користи различни тактики против блокирањето реклами. Претходно се забележани случаи во кои прегледите на видеата од корисници со блокатори не се броеле, репродукцијата била забавена, или целосно им бил оневозможен пристап до сервисот. Ова покажува дека притисокот врз корисниците кои избегнуваат реклами продолжува и во 2026 година.


