УТРЕ СТАРТУВА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ЗА 245.000 УЧЕНИЦИ – Учебници за сите а по седум години повторно и по странски јазици
Министерката најави и ново зголемување на платите за наставниците, во висина од 7,5 до 10 проценти, во зависност од инфлацијата, со цел реален раст на платите.

Утре, 1 септември, започнува новата учебна 2025/2026 година, која во училишните клупи ќе ја започнат вкупно 245.000 ученици – 177.800 основци и 67.200 средношколци. Наставата ќе се одвива до 10 јуни, освен за матурантите, за кои редовните часови ќе траат до 15 мај.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција истакна дека се обезбедени учебници за сите ученици, а за првпат по седум години се обезбедени и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик.
„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, во согласност со новите наставни програми. Овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години – повеќе нема предмети без учебници, нема користење на учебници без договори и регулирани авторски права, и нема доцнење во испораката.
Во изминатата година се вложени значајни инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура во висина од 67 милиони евра. Дел од проектите се веќе завршени, а дел се во фаза на реализација.
За новата учебна година е воведен и нов електронски дневник со подобрени перформанси, кој овозможува наставниците да ги внесуваат податоците во секој момент. Исто така, наставата ќе вклучува едукација за вештачката интелигенција со акцент на етичка и ефективна примена на технологијата за образовни цели.
„Во основните училишта ќе работат 1.346 образовни асистенти, а за првпат, средношколците со посебни образовни потреби ќе добијат поддршка од 130 образовни асистенти. Исто така, е воведено формално образование за децата на долготрајно болничко лекување, кои ќе можат да се вклучуваат онлајн или да работат индивидуално со наставникот“, истакна Јаневска.
Министерката најави и ново зголемување на платите за наставниците, во висина од 7,5 до 10 проценти, во зависност од инфлацијата, со цел реален раст на платите.
Дополнително, во новата учебна година е обезбедена поголема поддршка за талентираните ученици преку целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади, како и професионално и кариерно насочување за сите ученици.


