УТРЕ СПОМЕН ЗА СВЕТА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА Храбрата девојка што не се откажа од Исус Христос
Света Злата е родена и пострадала во Слатина, Мегленско, во Егејска Македонија.

Утре православните верници го одбележуваат споменот на Света Злата Мегленска, великомаченичка од времето на турското владеење во Македонија. За нејзиниот живот и маченичка смрт дознаваме од нејзиното житие, напишано во 1799 година на грчки јазик од очевидецот Никодим Светогорец.
Света Злата е родена и пострадала во Слатина, Мегленско, во Егејска Македонија. Таа била ќерка на сиромашни селски родители и имала уште три сестри. Од мала зрачела со духовни и телесни доблести – силна вера во Господ Исус Христос, смирено и чисто срце, како и необична надворешна убавина. Токму нејзината убавина го привлекла вниманието на еден Турчин од нејзиното место.
Еден ден, додека Злата излегла со своите другарки во шумата, Турчинот потплатил арамии да ја грабнат и одведат во неговиот дом. Таму се обидувал да ја натера да се потурчи, ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена. Но света Злата останала непоколеблива, изјавувајќи:
„Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам, и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам, дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња.”
Турчинот потоа ја сместил со другите свои жени, надевајќи се дека тие ќе ја убедат да се потурчи, но Злата не попуштила. По шест месеци обиди, тој ја повикал нејзината фамилија и им се заканил со смрт ако не ја натераат да се откаже од верата. Родителите и сестрите дури почнале да ја проколнуваат за да прифати принуда. Света Злата им одговорила:
„Штом вие ме советувате да се откажам од Христос, вистинскиот Бог, не сте веќе мои родители и не сте веќе мои сестри. Јас имам татко, а тоа е Господ Исус Христос. Имам и мајка, а тоа е света Богородица, а браќа и сестри ми се светителите и светителките.”
Кога и тоа не помогнало, Турчинот наредил да биде затворена. Во затвор, три месеци секојдневно била сурово тепана и мачена, но со храброст издржувала, охрабрена од својот Господ Исус Христос. На крајот, била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Христијаните кришум ги погребале нејзините останки. Света Злата Мегленска маченички настрадала во 1795 година.
Според некои извори, житието било запишано и според сведоштва на духовникот Тимотеј, духовен отец на семејството, кој бил сведок на нејзините страдања. Во времето кога била грабната, Македонија била погодена од арамиски банди кои нанесувале големи штети на населението, што најверојатно го доживеала и Злата. Ферман од султанот Селим Трети исто така потврдува:
„Поредокот во земјата е нарушен, а царските закони никој не ги почитува.”


