УТРЕ НОВ ИЗБОРЕН ДЕН – Четири општини повторно гласаат за градоначалник
Денеска гласаат болните, изнемоштените и затворениците, утре избирачките места отворени од 7 до 19 часот

Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска се спроведува гласање за болните и изнемоштени лица во нивните домови, како и за притворените и затворениците кои се жители на овие општини.
Од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА информираат дека сите активности се одвиваат според планот и дека изборниот процес е целосно подготвен.
Во Гостивар за гласање во домашни услови се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, додека во казнено-поправните установи право на глас ќе остварат 81 лице. Во Маврово и Ростуше прифатени се барањата на 69 болни лица, а ќе гласаат и двајца затвореници. Во Врапчиште се пријавени 32 болни лица, а 11 гласачи ќе гласаат во затвор. Во Центар Жупа за гласање во домашни услови се пријавени двајца гласачи.
Право на глас во Гостивар имаат 82.870 граѓани, од кои 78.185 се постојани жители, а 4.604 се запишани во посебниот Избирачки список за гласачи кои живеат во странство. Во Маврово и Ростуше вкупно се запишани 10.575 гласачи, од кои 9.622 се жители на општината, а 951 се во странство. Во Врапчиште право на глас имаат 27.279 граѓани, од кои 26.318 се жители на општината, а 950 гласачи се запишани во посебниот список за дијаспората. Во Центар Жупа во Избирачкиот список се запишани 7.562 гласачи, од кои 6.305 се жители на општината, а 1.257 се во странство.
Гласањето утре ќе започне во 7:00 часот и ќе трае до 19:00 часот. Граѓаните ќе се идентификуваат со важечка лична карта или пасош, а идентитетот дополнително ќе се потврдува и со апарати за биометриска идентификација.
Согласно членовите 132, 132а и 133 од Изборниот законик, за повторените избори не е потребна минимална излезност од една третина од запишаните гласачи. За избор на градоначалник е доволно еден од кандидатите да добие повеќе од половината гласови од излезените гласачи, вклучително и во Центар Жупа, каде што има само еден кандидат.
Во Гостивар за градоначалник се кандидати Невзат Бејта од коалицијата „Вреди“ и независниот кандидат Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, поддржан од група избирачи. Во Центар Жупа единствен кандидат е Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците. Во Маврово и Ростуше се натпреваруваат Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети од СДСМ.
Повторените избори во овие четири општини се одржуваат бидејќи на Локалните избори 2025 година не беше исполнет условот за минимална излезност. Според податоците на ДИК, во првиот круг одржан на 19 октомври, одѕивот во Гостивар изнесуваше 33,31 процент, во Врапчиште 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше 30,31 процент, а во Центар Жупа 21,49 проценти, што беше под законскиот праг од 33,33 проценти.
Ова се и последните избори што ги спроведува актуелниот состав на Државната изборна комисија, чиј мандат завршува на 15 јануари, односно до изборот на нов состав.


