ЉУТКОВ ВО БРИСЕЛ – Средба со претседателката на Комитетот за култура и образование при ЕП
Министерот Зоран Љутков присуствува на проекцијата и ја поддржува македонската кинематографија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вечерва ќе присуствува на премиерната проекција на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски, која ќе се одржи во „Синема галерис“ (Cinema Galeries) во Брисел, пред европската публика. Присуството на министерот е јасен показател за посветеноста на Министерството кон поддршката и меѓународната афирмација на македонската кинематографија.
Филмот е копродукција и е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и „Еуроимаж“.
По проекцијата ќе следува панел-дискусија посветена на улогата и значењето на меѓународните копродукции за продлабочување на европската соработка во филмската индустрија. Настанот го организира Европската асоцијација на директори на филмски агенции (EFAD), во соработка со Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм на Македонија.
Во рамките на посетата на Брисел, Љутков оствари и работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент. На средбата, тој ја истакна заложбата на Министерството за унапредување на културните политики, со посебен фокус на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и системски развој на креативните индустрии.
Министерот потенцираше дека Македонија активно ја користи европската поддршка преку програми како ТАЕКС (TAIEX) и ИПА-инструментите за претпристапна помош, како и имплементацијата на програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“ за поддршка на копродукции, мобилност на уметници и градење институционални капацитети. Министерството за образование и наука, пак, ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) за истражувања во дигиталните технологии за културното наследство, и „Еразмус +“ (Erasmus+) насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава економската и општествената вредност на креативните индустрии како стратегиски двигател за економски раст, иновации и меѓународна видливост. Во таа насока, ќе се интензивира соработката со европските земји кои го ставаат културниот и креативниот сектор како приоритет.
Како особено значајна, министерот ја посочи дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Македонија, како земја со богато културно наследство, посветува внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката, како дел од континуитетот на својот културен идентитет.


