УСТАВОТ НА САД НЕ ДОЗВОЛУВА ТРЕТ МАНДАТ – Трамп со нова провокација, не се знае, ќе видиме
И додека Трамп повторно ја отвора дебатата за уставните ограничувања, за мнозинството американски политичари и правни експерти, правилото останува јасно - два мандата и ниту еден повеќе.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за можноста да се кандидира за трет мандат, иако самиот призна дека тоа не е дозволено според Уставот на Соединетите Американски Држави.
„Врз основа на она што го прочитав, претпоставувам дека не ми е дозволено да се кандидирам, па ќе видиме што ќе се случи“ – изјави Трамп во авионoт „Ер Форс Уан“ на пат кон Јужна Кореја, каде што присуствува на регионален самит, пренесе CNN.
Тој додаде дека „е срамно што е така“, бидејќи, според него, има „огромна поддршка во анкетите“ и дека „народот сака да продолжи“.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ја отфрли можноста за трет мандат, објаснувајќи дека каква било промена на Уставот може да се разгледува само по завршувањето на сегашниот мандат на Трамп.
Ова не е првпат Трамп да ја спомне идејата за трета кандидатура. Во јавноста веќе се појавија капи со натпис „Trump 2028“, кои, наводно, стојат изложени и во Овалната соба. Дополнителни шпекулации поттикна и поранешниот советник Стив Банон, кој тврдеше дека „постои план“ за трет мандат – тврдење што Белата куќа го оцени како обид за медиумско внимание.
Според 22-от амандман на Уставот на САД, усвоен во 1947 година, ниту еден човек не може да биде избран за претседател повеќе од двапати. Една од шпекулациите беше дека Трамп би можел да се кандидира за потпретседател во иднина, но тој и самата таа идеја ја отфрли.
Уставот на Соединетите Американски Држави, усвоен на 17 септември 1787 година во Филаделфија, е најстариот кодифициран устав што сè уште е во сила. Првите десет амандмани го сочинуваат таканаречениот Бил за правата, кој ги гарантира основните слободи и еднаквост пред законот.
Како документ, американскиот Устав имал огромно влијание врз уставните системи низ светот – од Европа и Латинска Америка, па сè до Азија. Идеите за поделба на власта и заштита на индивидуалните права се пресликани во бројни други држави, иако од втората половина на 20 век неговото влијание постепено опаѓа.
И додека Трамп повторно ја отвора дебатата за уставните ограничувања, за мнозинството американски политичари и правни експерти, правилото останува јасно – два мандата и ниту еден повеќе.


