УСТАВНИОТ СУД НА ИСПИТ – Алијансата за Албанците поднесува иницијатива за оспорување на „Безбеден град“

Иницијативата до Уставниот суд следува поради селективна примена во Скопје, Куманово и Тетово

УСТАВНИОТ СУД НА ИСПИТ – Алијансата за Албанците поднесува иницијатива за оспорување на „Безбеден град“
Фото: Принтскрин

Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, кои овозможуваат воведување на системот „Safe City“ (Безбеден град).

Од партијата истакнуваат дека сегашната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, бидејќи, според нив, се спроведува селективно, само во Скопје, Куманово и Тетово.

„Проектот кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно низ целата држава, а не делумно и селективно“, порачаа од Алијансата.

Тие укажуваат и на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и казните од системот не се обезбедуваат и на албански јазик. Дополнително, алармираат за високите износи на глобите и бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.

„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, појаснуваат од партијата.

Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.

Во образложението за иницијативата, партијата го наведува примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена, и очекува сличен пристап и во случајот со „Безбеден град“.

CATEGORIES
Share This