УСТАВНИОТ СУД ГО УРНА ЗАКОНОТ – Платите на судиите не смеат да се намалуваат, може само да се зголемуваат
Уставниот суд го нагласува значењето на финансиската независност на судството.

Уставниот суд ја одржа 9. седница на која го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026).
При донесувањето на конечната одлука, решавачки беа утврдени значењето на финансиската независност и самостојност на судството како составен дел од уставно загарантираната независност на судската власт, како и темелните вредности на уставниот поредок, владеењето на правото и поделбата на власта.
Откако беше поведена постапка за оценување на уставноста на Законот, Собранието наместо да се придржи кон ставовите на Уставниот суд изразени во Решението за поведување постапка од 24 декември 2025 година, донесе ново намалување на коефициентите за плати на судиите. Поради тоа, Судот од сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на Законот од 25 февруари 2026 година и го поништи како спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.
Коефициентите за утврдување на платите на судиите биле намалувани два пати во 2024 година и повторно во февруари 2026 година. Според Судот, ова укажува на тенденција за намалување на реалниот износ на судиските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба и, со тоа, на независноста и самостојноста на судството.
