УСТАВНИОТ СУД БЕЗ ПОЛН СОСТАВ Одложена седницата за Законот за јазиците
Случајот потекнува од април 2023 година, кога Елизабета Дуковска беше избрана за уставен судија. По нејзиниот избор, кандидатката Антоанета Димовска поднесе тужба со која го оспори процесот.

Подготвителната седница на Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците, закажана за 19 јуни 2025 година, е одложена. Одлуката следува по добиениот допис од претседателот на Собранието, Африм Гаши, со кој се известува дека Управниот суд ја укинал одлуката за избор на уставната судијка Елизабета Дуковска, избрана пред две години.
Од Уставниот суд посочуваат дека правните дејствија на Судскиот совет, Собранието и управните судови предизвикале преседан со кој досега не се соочиле, со сериозни правни импликации врз постапувањето на судот. Дополнително, судијката Дуковска била известител на предметот, а за одлучување по него е потребен полн состав, поради што седницата е одложена.
„Судот одлучи да ја одложи седницата за Законот за употреба на јазиците, бидејќи судијата чиишто избор е поништен од Управниот суд е известител на предметот, а постапувањето треба да се спроведе во полн состав – информираат од Уставниот суд.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека Министерството нема надлежност да се меша во одлуките на судовите, нагласувајќи ја независноста на судската власт. Тој потенцираше дека одговорноста за спроведување на пресудата на Управниот суд ја има Судскиот совет.
„Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува судските одлуки. Судскиот совет, согласно пресудата на Управниот суд, треба да ја повтори постапката, да ги земе предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието – изјави Филков.
Случајот потекнува од април 2023 година, кога Елизабета Дуковска беше избрана за уставен судија. По нејзиниот избор, кандидатката Антоанета Димовска поднесе тужба со која го оспори процесот. Управниот суд неодамна ја уважи нејзината тужба, што сега доведе до одложување на клучната седница во Уставниот суд.


