УСТАВНИ ИЗМЕНИ НЕМА БЕЗ ОВИЕ ДВА УСЛОВИ – Ќе одам до крај, па макар и последно било порача Мицкоски
Премиерот во Собранието порача дека нема да има уставни измени сè додека не се гарантираат правата на Македонците во Бугарија и не престанат идентитетските условувања од ЕУ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието дополнително го зацврсти својот тврд став против уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на преговорите со Европската унија.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“, Мицкоски порача дека е подготвен „да оди до крај, па макар тоа било и последно“, повторувајќи ја својата веќе позната позиција дека уставни измени нема да има сѐ додека не се исполнат двата клучни услови на Владата.
Првиот услов, како што наведе, е на Македонците во Бугарија да им се овозможи остварување на нивните права без промена на бугарскиот устав, вклучително и преку регистрација на здружението ОМО „Илинден“ – Пирин. Вториот е Европскиот совет да донесе јасен заклучок дека нема да има нови вета или дополнителни условувања поврзани со македонскиот јазик и идентитет.
Премиерот во своето обраќање ги повика и Албанците да застанат зад, како што ја нарече, „битката што ја води Владата“, а претходната власт ја обвини дека била „меко ткиво“ преку кое, според него, биле протуркани спорните барања за уставни измени.
„Некогаш мора да се покаже карактер. Во спротивно, ќе бидете мивка, а тие секогаш лошо завршуваат, порано или подоцна“, изјави Мицкоски.
Тој апелира до пратениците да усвојат резолуција со која ќе се поддржат правата на Македонците во Пиринскиот регион. Тој потсети дека според пописот од 1956 година таму живееле околу 200.000 Македонци, додека девет години подоцна нивниот број „магично“ се намалил на 9.000.

