УСТАВЕН СУД НА ЦРНА ГОРА – Укината забраната за работа на трговијата во недела и празници

Одредбата ја прогласија за неуставна поради повреда на слободата на претприемништвото и принципот на еднаквост

УСТАВЕН СУД НА ЦРНА ГОРА – Укината забраната за работа на трговијата во недела и празници
Фото: Принтскрин

Уставниот суд на Црна Гора денеска ја прогласи за неуставна одредбата од Законот за внатрешна трговија која воведуваше неработни недели за трговијата. Судот оценил дека таа ја нарушува слободата на претприемништво и принципот на еднаквост пред законот, бидејќи одредена група претприемачи може да работи во недела и на празници, додека друга не.

„Одредбата ја ограничува слободата на претприемништво загарантирана со Уставот и ја нарушува еднаквоста пред законот. Уставот дозволува ограничување на претприемништвото само за заштита на здравјето, животната средина, природните ресурси, културното наследство или безбедноста и одбраната на државата. Законодавецот не може да воведува нови ограничувања без јасна легитимна цел во јавен интерес“, наведува судот во образложението.

Судот посочува дека дозволувањето на работа на аптеки, пекари, киосци, бензински пумпи и други, додека другите продавници не смеат да работат, создава нееднаква положба на пазарот. Забраната нема објективно оправдување и ги ограничува човековите права и слободи, кои мораат да бидат пропорционални и во рамки на уставно утврдени цели.

Во постапката се утврдило дека законодавецот не навел конкретна цел за воведувањето на забраната и причините зошто е неопходно да се ограничат работите на трговијата во недела и празници.

Уставниот суд нагласува дека законодавецот може да ја регулира трговијата во недела и празници, но тоа мора да биде во согласност со уставните вредности. Забраната останува во сила до објавувањето на одлуката во Службен весник, а судот ќе ја информира јавноста за датумот на објавата.

Иницијативата за преиспитување на уставноста на член 35а од Законот за внатрешна трговија, кој забранува работа во недела и празници со одредени исклучоци, ја поднесе Сојузот на работодавачи на Црна Гора. Законoт беше донесен во јули 2019 година, а членот стапи на сила на 15 октомври истата година.

CATEGORIES
Share This