УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЧЕКА ИЗВЕДУВАЧ – Пропадна тендерот поради жалба
Универзалната сала ќе има 1.200 седишта, ЛЕД-сијалици и можност за филмски премиери.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска соопшти дека тендерот за избор на изведувач за Универзалната сала пропаднал поради жалба на единствениот учесник.
На 15 септември, министерот најави дека повикот за јавна набавка ќе заврши на 26 септември и дека изборот на изведувач и надзор ќе заврши до почетокот на октомври, по што ќе започне изградбата на салата по системот „клуч на рака“. Целта е објектот да биде готов до крајот на 2027 година и да биде во функција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
„Минатата недела добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот не помина поради поплака за изведувачот. Ова ќе го одолговлече процесот за околу два месеца, но веднаш по завршувањето на фазата на проверка ќе распишеме нов тендер, кој ќе трае 30 дена. Се надевам дека до средината на јануари ќе имаме нов изведувач“, изјави Љутков по посетата на Театар Комедија.
За проектот се предвидени 20 милиони евра, распоредени во три години: 15,958 милиони денари за 2025, 360 милиони денари за 2026 и 450 милиони денари за 2027 година.
Универзалната сала изгоре на 9 април минатата година, само еден месец по продолжувањето на реконструкцијата. Работите почнаа во 2021 година, но беа стопирани по доаѓањето на новата градоначалничка, Данела Арсовска. Подоцна, Министерството за култура ја презеде реконструкцијата, која застанала по пожарот. Откако ќе биде завршена, салата ќе премине во сопственост на Град Скопје.
Архитектот Бујар Муча од „Мегарон Инженеринг ДОО“ најави дека новата сала ќе има 1.200 седишта, партер-седишта кои се склопуваат и овозможуваат проширување на сцената, како и енергетски ефикасни ЛЕД-сијалици. Салата ќе биде прилагодена за филмски премиери, ќе има проширен влез и пристап за лица со посебни потреби. Просториите за вработените ќе бидат во горниот дел, додека просторот за седење е намален согласно европските регулативи за безбедност.

