АД Пошта на Македонија денеска промовираше специјална поштенска марка во чест на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Марката, со номинална вредност од 36 денари, е дело на дизајнерката Лариса Донев и е изработена од Бирото за филателија. Испечатена е во тираж од 6.000 примероци.
На свечената промоција се обратија претставници од институциите и од културниот живот, кои ја истакнаа важноста на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет.
„Македонскиот јазик е сведоштво за нашата култура, обичаи, мисла – тој ја носи историјата на македонскиот народ. Иако не може да изумре, неговата иднина зависи од нашата грижа и внимание“, истакна Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Координативното тело за одбележување на јубилејот.
Директорот на Поштенски сообраќај, Бојан Керамистески, нагласи дека поштенските марки се вистински амбасадори на државата.
„Ова парче уметност е и почит кон минатото и одговорност за иднината. Преку него, македонскиот јазик се афирмира и надвор од границите“, рече тој.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изјави дека оваа марка ќе патува низ светот како симбол на осум децении јазична зрелост.
„Таа ќе раскаже за генерации автори и научници што го збогатуваа македонскиот јазик и го направија тоа што е денес“, додаде министерот.
Овој јубилеј се одбележува како потсетник за значењето на јазикот во зачувувањето на културниот идентитет и како повик за негово негување и развој во иднина.