УКРАИНА И МОЛДАВИЈА СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ЕУ ЗОНАТА РОАМИРАЈ КАКО ДОМА Македонија засега не е во планот
Бесплатен роаминг за Украина и Молдавија и од 1 јануари 2026 година, граѓаните на двете земји можат да користат мобилни услуги низ ЕУ без дополнителни трошоци

Новата 2026 година донесе значаен исчекор во постепената интеграција на две земји-кандидатки во Европската Унија. Од 1 јануари, Украина и Молдавија официјално се приклучија кон зоната „Roam Like at Home“, со што нивните граѓани добија можност да ги користат мобилните телефони во ЕУ без дополнителни роаминг-трошоци исто како граѓаните на Унијата од 2017 година наваму.
До пред само половина година, ваков развој на настаните изгледаше речиси незамислив. Но, Европската Унија, иако бавно, понекогаш прави значајни промени без многу помпа.
Украинските и молдавските граѓани отсега можат да остваруваат повици, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци низ земјите на ЕУ и другите придружни членки без дополнителни трошоци. Истите поволности важат и за граѓаните на ЕУ кои патуваат или комуницираат со Украина и Молдавија.
Политиката „Roam Like at Home“ се темели на принципот дека мобилните услуги во друга земја од зоната функционираат по истите услови како и дома, без посебни роаминг-надоместоци и со зачуван квалитет на услугата.
Во текот на 2026 година се очекува укинување на сите роаминг-трошоци и со Албанија и Црна Гора, двете земји кои моментално се најнапред во пристапниот процес кон ЕУ. Македонија, пак, повторно е изоставена од овие планови. Заглавена во ќор-сокак во преговорите со Унијата, таа и во овој сегмент останува во друштво на Србија и Босна и Херцеговина – земји што сè подлабоко заостануваат на европскиот пат.
Вклучувањето на Украина и Молдавија следи по одлуките на Советот на ЕУ, со кои беше одобрена нивната интеграција во рамката „Roam Like at Home“. Пристапувањето на Украина беше одобрено на 15 јули 2025 година, а на Молдавија на 25 јули истата година.
Проширувањето на роаминг-зоната претставува дополнителен чекор во јакнењето на дигиталната поврзаност и економската соработка меѓу ЕУ и нејзините соседни партнери. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најавувајќи го приклучувањето на Албанија и Црна Гора, оцени дека мерката е „добра за бизнисот, добра за туризмот и, најважно, добра за зближување на луѓето“.
Сепак, плановите за проширување на зоната без роаминг наидуваат на растечки скептицизам кај телекомуникациските оператори и дел од земјите-кандидати. Како што пишува „Еурактив“, дозволувањето приклучување пред полноправното членство во ЕУ носи ризик од пренасочување на средствата од инвестиции во мрежната инфраструктура.
И покрај тоа што потрошувачите не плаќаат роаминг, операторите и натаму меѓусебно си наплатуваат големопродажни такси, чии горни граници, според критичарите, остануваат превисоки. Регулаторите на ЕУ препорачаа значително намалување на овие цени, но Европската комисија во јуни 2025 година одлучи да ги задржи постојните ограничувања.
Дополнителни притисоци доаѓаат и од потрошувачките организации, кои бараат целосно укинување на трошоците за меѓународни повици и пораки во рамките на ЕУ трошоци што сè уште постојат.
Во меѓувреме, проширувањето на роаминг-зоната отвора и нови политички и оперативни дилеми, особено во однос на распределбата на трошоците и стабилноста на пазарот. Украина и Молдавија, кои поминаа низ, како што велат, „ригорозен технички процес“, инсистираат сите нови учесници да бидат подложени на истите строги критериуми.


