УКРАИНА ГУБИ 20% ОД ТЕРИТОРИЈАТА – Цената на мирот според планот на Трамп
Украина се соочува со тешка дилема - достоинство или територија.

Американскиот мировен план за Украина предвидува Украина да се повлече од делови на територијата што ги контролира, што би резултирало со нето добивка за Русија од околу 2.300 квадратни километри – речиси голема колку Луксембург (2.590 км²), според пресметките на АФП врз основа на податоци од Институтот за проучување на војната (ISW).
Според планот, Украина би отстапила речиси 5.000 км² во Донецк и 45 км² во Луганск, а за возврат, Русија би вратила 2.000 км² во Харков, 450 км² во Дњепропетровск, 300 км² во Суми и 20 км² во Чернигов.
Главни точки од мировниот план (член 21): Крим, Луганск и Донецк ќе се признаат како де факто руски. Линијата во Херсон и Запорожје „замрзнува“. Русија ќе се повлече од другите договорени области. Дел од Донецк ќе стане демилитаризирана тампон зона под руска контрола, без присуство на руски војници. И двете страни се обврзуваат да не ги менуваат новите територијални аранжмани со сила. САД обезбедуваат безбедносни гаранции за Украина, кои се откажуваат ако Украина ја нападне Русија, додека напад од Русија предизвикува решителен воен одговор и повторно воведување санкции.
Воени проценки се во насока ако Русија продолжи со сегашното темпо, според „Економист“, ќе ѝ треба до јуни 2030 за целосна окупација на Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје, и 103 години за цела Украина. Од мај годинава, Русија окупирала само 0,4% од украинската територија, со огромни загуби: до 1,44 милиони војници жртви, вклучувајќи 190.000 -480.000 загинати.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Украина се соочува со еден од најтешките моменти во својата историја, со тежок избор меѓу зачувување на достоинството и ризик од губење на клучен партнер. Тој истакна дека Украина ќе дејствува брзо, со почитување на националните интереси и конструктивна соработка со САД и другите партнери, без да им даде на непријателите причина да ја обвинуваат за блокирање на мирот.

