УДАР ВРЗ БУГАРИЈА ОД МЕЃУНАРОДНАТА СЦЕНА: Македонците во Бугарија добија уште една битка
Одлука што ја тресе Софија откако Обединети нации утврдија прекршување на слободата на здружување на Македонците.

Комитетот за човекови права при Обединети нации оцени дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување со одбивањето да регистрира организација на етничките Македонци, соопшти ОМО „Илинден“ – Пирин.
Станува збор за невладината организација „Правозаштитен комитет Толерантност“, која поднела барање за регистрација во согласност со законските процедури, но добила негативна одлука без детално образложение. Одбивањето подоцна било потврдено и од Апелациониот суд.
Според оценката на Комитетот, судските одлуки биле нејасни и претерано формалистички, при што не биле земени предвид дополнителните информации доставени од подносителот. Членката на Комитетот, Ивон Дондерс, нагласила дека здруженијата кои мирно промовираат толеранција и коегзистенција меѓу етничките групи мора да бидат заштитени, дури и кога нивните ставови не се совпаѓаат со позициите на властите или мнозинството.
Комитетот заклучил дека државата не понудила доволно аргументи за одбивањето на регистрацијата, ниту докажала дека мерката била неопходна и пропорционална. Дополнително, не било прецизирано кои законски одредби биле прекршени.
Во својата одлука, Комитетот ја повикува Бугарија да ги преиспита судските одлуки, да обезбеди компензација за жалителот и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените чекори.
Од ОМО „Илинден“ – Пирин оценуваат дека ова претставува значајна одлука во насока на заштита на правото на здружување и човековите права.
