УЧИЛИШТА БЕЗ УЧЕНИЦИ – Над 100 подрачни училишта ќе се пренаменат во старски домови

На прашањето за ветеното воведување едносменско работење во сите училишта, Јаневска одговори дека додека во некои делови на државата училиштата се затвораат, во Скопје напротив - се доградуваат за да се создадат услови за работа во една смена.

УЧИЛИШТА БЕЗ УЧЕНИЦИ – Над 100 подрачни училишта ќе се  пренаменат во старски домови
Фото: Национал

Министерката за образование Весна Јаневска во интервју за „Радио Слободна Европа“ соопшти дека веќе се затворени околу стотина подрачни училишта низ државата, дел од нив и пред официјалниот почеток на процесот на оптимизација, поради тоа што во населените места каде се наоѓаат веќе нема ученици.

„Станува збор за објекти кои се празни, а поради немање деца не можат да бидат пренаменети во градинки или слично. Затоа ги охрабрувам градоначалниците да размислат за нова употреба на зградите – на пример, старски домови, клубови или нешто слично,“ изјави Јаневска.

Министерството работи на оптимизација на училишната мрежа, што во суштина значи и затворање на подрачни училишта во близина на централни.

„Не можам да кажам точна бројка на училишта што ќе се затворат, бидејќи тоа зависи од многу фактори. На пример, ако подрачното училиште е оддалечено 30 километри од централното, нема да се затвори, макар и едно дете да учи таму – тоа дете има право на образование. Но, ако училиштето е оддалечено само 2,5 или 3 километри, а има само 15 ученици, тие ќе се префрлат во централното,“ појасни министерката.

Досега, според неа, 20 општини веќе поминале низ процесот на оптимизација, што значи дека е затворен одреден број училишта. Таа посочи дека некои од нив се затвориле и без официјално да почне процесот, бидејќи во тие населени места веќе немало ученици.

На прашањето за ветеното воведување едносменско работење во сите училишта, Јаневска одговори дека додека во некои делови на државата училиштата се затвораат, во Скопје напротив – се доградуваат за да се создадат услови за работа во една смена.

CATEGORIES
TAGS
Share This