УБАВ СОВЕТ ОД МИЛАНОВИЌ ДО ДОМАЌИНКАТА СИЉАНОВСКА Не дозволувајте да ве уценуваат на патот кон ЕУ
Хрватскиот претседател истакна дека Македонија не треба да се третира како „земја со посебни потреби“, туку како држава што се соочува со реални проблеми на својот европски пат.

Иако, како што рече, не дошол да дели совети, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, сепак испрати јасна порака до Македонија за време на неговата официјална посета на земјава. Тој ѝ препорача на Македонија да биде „себична колку што може“ на патот кон Европската унија и да не дозволи да биде жртва на уцени и изнуди, особено кога станува збор за процесот на пристапување.
„Правилата се јасни. Потребен е консензус, односно едногласност. Без тоа, Македонија за жал не може да напредува. Прашањето е дали членството во ЕУ е навистина најважната работа за граѓаните, или има и други аспекти што ја дефинираат државата како успешна заедница,“ изјави Милановиќ, притоа нагласувајќи дека не мисли директно на Бугарија.
Хрватскиот претседател истакна дека Македонија не треба да се третира како „земја со посебни потреби“, туку како држава што се соочува со реални проблеми на својот европски пат. Тој ги критикуваше и советите што земјава ги добива од меѓународната заедница, нагласувајќи дека не секогаш се паметни и корисни и дека треба да се примаат „со вреќа сол“.
Домаќинката, македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова, од своја страна, ја потврди цврстата определба на државата кон европската интеграција.
„Копенхашките критериуми се оние што од нас ќе направат стандардна, европска, здодевна држава. Ветото не е пријателски инструмент и ќе предизвика понатамошни проблеми. Македонија не е осамен случај и треба, се разбира во рамки на критериумите, да си го бара местото во ЕУ,“ рече Силјановска Давкова.
Таа изрази надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе покажат разбирање за ситуацијата што ја кочи Македонија на европскиот пат, посочувајќи дека напредокот во добрососедските односи е клучен.
Во пресрет на најавените посети на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и еврокомесарката Марта Кос, Силјановска Давкова рече дека не сака да шпекулира со нивните пораки, но очекува сериозни разговори за, како што оцени, „неодржливата состојба“ која ѝ штети на кредибилитетот и интегритетот на политиката на проширување на Унијата.


