УАПСЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ГЕРИЈАТРИЈА ЕПТЕН КРЕАТИВЕН Побарал 100.000 евра мито, му рекле тоа се многу пари – Директорот Арифи предложил болното лице да го продаде станот
Најпрвин побарал 100 илјади евра за да прими пациент во болницата за кој знаел дека е материјално добро ситуиран што значи дека земените 20.000 евра биле само еден дел што требало да ги земе како мито

Нови детали за в.д директорот на Специјализираната болница за геријатрија Мухсин Арифи кој беше уапсен за примање поткуп од 20 илјади евра. Најпрвин побарал 100 илјади евра за да прими пациент во болницата за кој знаел дека е материјално добро ситуиран што значи дека земените 20.000 евра биле само еден дел што требало да ги земе како мито.
Арифи неколку пати директно побарал пари од сведокот во случајот кој бил давател на доживотна издршка за лицето кое било тешко болно а состојбата се влошувала при што во една прилика им предложил и да го продадат станот на болното лице и да му исплатат 100 илјади евра. Јавното обвинителство бара притвор за двајцата осомничени
„На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка“, вели ОЈО.
Неколку дена подоцна жената која барала сместување за пациентот добила повик од второосомничениот во случајот, кој посредувал во примањето поткуп, а потоа имала средба со него и со директорот Арифи.
„Било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра. Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, велат од МВР.
Обвинителството бара притвор за осомничените. Вчера претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, чиј член е Арифи, ги повикаа надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности. Од Министерството за здравство соопштија дека се залагаат за што побрзо расветлување на случајот. Арифи претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци, а во моментот на апсењето бил на позицијата вд директор на Геријатрија како кадар од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.


