УАПСЕН МАЖ ОД ДЕМИ КАПИЈА Се сомничи за намерно предизвикување на два пожари
Н.М. е задржан во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Полициски службеници од ОВР Неготино вчера околу 18 часот го лишиле од слобода Н.М. (71) од Демир Капија, под сомнение дека намерно предизвикал два пожара во близина на местото викано „Горна Лака“, во околината на градот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првиот пожар бил предизвикан околу 10 часот, при што биле зафатени сува трева, нискостеблеста шума и два лозови насади. Вториот пожар се случил истиот ден околу 15 часот, на истата локација, и од него биле зафатени поголема површина со шума и земјоделско земјиште.
Благодарение на брзата реакција на екипата од Територијалната противпожарна единица од Неготино, пожарите биле навремено изгаснати, а за среќа не се пријавени повредени лица.
Н.М. е задржан во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
МВР апелира до граѓаните да бидат внимателни и одговорни, особено во летниот период кога ризикот од пожари е значително зголемен. Намерното предизвикување пожари претставува кривично дело и ќе се санкционира строго во согласност со законот.


