УЈП ОБЈАВИ ЛИСТА НА ДАНОЧНИ ДОЛЖНИЦИ Долгови од скоро 200 милиони евра

Вкупниот нето долг на објавените должници изнесува 11.887.960.773 денари, што претставува зголемување од 376.104.947 денари во споредба со претходната листа

УЈП ОБЈАВИ ЛИСТА НА ДАНОЧНИ ДОЛЖНИЦИ Долгови од скоро 200 милиони евра

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави Листата на должници бр. 05/2025, која се однесува на долгови доспеани до 31 јануари 2025 година и неплатени до 30 април 2025. Станува збор за обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, задолжителни придонеси за социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата се објавуваат:

  • физички лица и самостојни вршители на дејност со долг поголем од 120.000 денари;

  • правни лица со долг над 300.000 денари.

Според УЈП, на најновата листа се најдоа вкупно 5.927 должници, од кои 2.024 се правни лица – што е за 81 повеќе од претходната листа – и 3.903 физички лица, 37 повеќе во однос на последното објавување.

Вкупниот нето долг на објавените должници изнесува 11.887.960.773 денари, што претставува зголемување од 376.104.947 денари во споредба со претходната листа. Од тоа, долгот по основ на даноци и придонеси изнесува 11.729.342.247 денари, што е зголемување од 376.287.732 денари, додека долгот по основ на царински давачки е 158.618.526 денари, бележејќи намалување од 182.785 денари.

Листата е објавена согласно член 9 од Законот за даночна постапка и е достапна на официјалната веб-страница на УЈП.

CATEGORIES
Share This