УЈП НАЈАВИ ВОЈНА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА – Големи промени во 2026
УЈП со нов 2-годишен план за сузбивање на неформалната економија.

Управата за јавни приходи (УЈП) усвои План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026-2027, кој претставува стратешки документ базиран на современ пристап во управување со ризиците од неусогласеност.
Како што наведуваат од УЈП, новиот концепт се темели на навремено препознавање на ризиците и нивно адресирање преку комбинација од превенција, советување, поддршка, таргетирани контроли и системски мерки. Основната цел е поттикнување на доброволна и долгорочна усогласеност на даночните обврзници со законските обврски.
Планот претставува продолжение на активностите од 2025 година насочени кон сузбивање на неформалната економија, со проширен фокус на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, области со зголемен ризик од непријавување на готовински промет. Дополнително, се опфаќаат и синџирите на снабдување поврзани со овие дејности, каде што често се појавуваат неформални плаќања и неевидентирани трансакции.
Посебно внимание се посветува на краткорочното туристичко сместување, вклучително и услугите преку дигитални платформи, кои имаат растечко економско значење, но и повисок ризик од непријавени приходи.
Планот предвидува засилени превентивни и информативни активности, како и подобрена соработка со други институции. Даночните обврзници ќе добиваат појасни информации за своите обврски и придобивки од формално работење, со цел поттикнување на доброволна усогласеност наместо исклучиво санкции.
Во делот на контролите, УЈП најавува понапредна анализа на ризици, примена на индиректни методи за процена на прометот и поширок пристап во проверките, кој ја оценува реалната економска активност, вклучително капацитети, вработени, залихи и побарувачка.
Дополнително, се предвидува и унапредување на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, со цел подобра анализа и побрзо откривање на ризици.
Крајната цел на планот е формализирање на неформалните активности во таргетираните сектори, а успешноста ќе се мери преку зголемување на пријавениот промет кај даночните обврзници.
