ТУЗЛА ВО ШОК, 11 ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАР ВО ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА – Прогласена четиридневна жалост

Синоќа Тузла беше зафатена од голема трагедија кога огромен пожар избувна во дом за стари лица, проголтувајќи го седмиот кат и предизвикувајќи хаос и паника меѓу станарите.

ТУЗЛА ВО ШОК, 11 ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАР ВО ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА – Прогласена четиридневна жалост
Фото: Принтскрин

Градот Тузла е во длабока тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 луѓе. Ова е една од најголемите трагедии во поновата историја на градот, поради што градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, која започнува денес.

Многу лица се здобиле со повреди, како полесни така и тешки. Според последните податоци, 15 пациенти сè уште се на болничко лекување, а состојбата на четворица од нив е критична, поради што се приклучени на респиратори.

Со одлука на градоначалникот, деновите на жалост во Тузла се четири: денес, утре, сабота и недела, а јавноста се повикува да ги почитува пропишаните правила за време на овој период. Четврток е прогласен за Ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и на округот Брчко.

Инаку, синоќа Тузла беше зафатена од голема трагедија кога огромен пожар избувна во дом за стари лица, проголтувајќи го седмиот кат и предизвикувајќи хаос и паника меѓу станарите.

Додека спасувачките екипи се обидуваа да стигнат до заробените лица, станарите од пониските катови бегале за да се спасат. Ружа Кајиќ, која живее на третиот кат, за локалните медиуми опиша што видела:

„Бев во кревет кога слушнав пукања… Не знам дали прозорците ми останаа или пукнаа. Бев во станот 301 и нешто почна да се руши. Веднаш се јавив на рецепцијата, но не можев да ги добијам. Кога погледнав низ прозорецот, гледав како од горниот кат паѓаат догорци. Потоа излегов во ходникот, но не знаев како да помогнам“, раскажува таа.

Пожарникарите и полицијата успеале да евакуираат околу 62 станари, но ситуацијата останува критична. Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, синоќа истакна:

„Ситуацијата е оценета како сложена и тешка. Сакам да им се заблагодарам на пожарникарите од Тузла и Сребреник, како и на полицајците кои помогнаа во евакуацијата на речиси 62 станари на безбедно.“

Од синоќа бројот на жртви продолжува да расте. Утринава, болничките власти соопштија дека уште една жена починала во текот на ноќта. Повредени се тројца полицајци и шестмина пожарникари.

„Во првиот бран беа хоспитализирани 20 пациенти, 3 полицајци, 6 пожарникари, а останатите беа корисници на домот или вработени. За жал, една пациентка почина во текот на ноќта“, изјави директорот на болницата, Секим Умиханиќ.

Причината за пожарот сè уште не е позната, а истрагата е во тек.

CATEGORIES
TAGS
Share This